Уапсен главниот осомничен за снимањето на аферата Ибица: Приватниот детектив се криел во Берлин

од Stefanija Kuzmanovska
416 прегледи

Германската полиција го уапси главниот осомничен за снимањето на таканаречената афера „Ибица“, како резултат на што беше соборен врвот на Слободарската партија на Австрија (ФПО), како и соборената австриска влада.

Станува збор за приватниот детектив Џулијан Х, кој се криел во Берлин.

Тој бил специјализиран за индустриска шпионажа и, заедно со виенски адвокат, се смета за „мозок“ на планот околу видеото „Ибица“.

Тој ангажирал девојка која играше наводна внука на руски милијардер, и изнајми вила каде е снимено седумчасовното видео.

На средбите со тогашниот потпретседател на ФПО, Јохан Гуденус и наводната руска милијардерка, тој глумел преведувач и придружник.

Тој се појавува и во видеото „Ибица“, бидејќи разговорот постојано го насочувал на незгодни теми, како што се донации на партиите.

После година и пол бегство, тој беше уапсен врз основа на европска потерница.

Одлучувачки за апсењето беа информациите од романската полиција, бидејќи, како што беше соопштено од Букурешт, Џулијан летото пристигнал во Берлин од Источна Европа, каде што се криел.

Со апсењето на главниот осомничен, австриската полиција се надева дека ќе го открие идентитетот на девојката која ја глумеше Русинката, како и, пред сè, кој го финансираше снимањето на тој материјал.

Тогашниот лидер на ФПО и вицеканцелар Хајнц-Кристијан Страхе беше принуден да се повлече од сите политички позиции во мај пред една година, поради содржината на разговорот на видеото „Ибица“.

Имено, Страхе на Русинката ѝ понуди државни работни места за финансиска помош на неговата партија, заобиколувајќи ги органите за ревизија.

Слични содржини