Уапсен Милан Радоичиќ

од Stefanija Kuzmanovska
372 прегледи

Милан Радоичиќ, контроверзниот бизнисмен кој според сопствените тврдења е организатор на вооружениот конфликт во Бањска на Косово во кој загинаа четири лица, денеска е уапсен, соопшти српското МВР.

„На 03.10.2023 година, полициски службеници на Управата за криминалистичка полиција извршија претрес во станот и другите простории на Милан Радоичиќ, кому полицијата му одреди притвор до 48 часа. Истиот со кривична пријава е приведен во Вишото јавно обвинителство во Белград“, стои во соопштението на српското министерство.

Да потсетиме, Милан Радоичиќ пред неколку дена одговори на поканата на државните органи на Република Србија. Тогаш беше најавено дека во форма на извештај ќе биде известено Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе преземе натамошни процесни мерки и дејствија од негова надлежност.

Радоичиќ ја презеде целосната одговорност за настаните во селото Бањска на северот на Косово.

„Ја информирам јавноста дека на 24 септември заедно со моите сонародници дојдов на северот на Косово во регионот на Бањска“, беше наведено во соопштението на Радоичиќ.

Како што додаде, причината за неговото враќање во Косово е „да го охрабри народот во нивниот отпор кон режимот на Албин Курти“.

Радоичиќ во својата изјава истакна дека нема помош од властите во Белград, ниту пак ги информирал за своите намери бидејќи веќе се разделиле за одредени позиции.

Во неделата, на 24 септември, во селото Бањска беше убиен косовски полицаец, по што следеше акција на специјалните единици на косовската полиција насочена кон вооружена група која се обиде да најде засолниште во манастирот Бањска. Во акцијата загинаа тројца Срби, по потекло од северот на Косово.

Поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за настаните во селото Бањска, се вели во изјавата што за медиумите ја прочита неговиот адвокат Горан Петронијевиќ.

Слични содржини