Уапсен поранешниот директор на берзата за криптовалути

од Stefanija Kuzmanovska
227 прегледи

Сем Банкмен Фрид, основачот на неуспешната услуга за тргување со криптовалути „Еф-ти-екс“, е уапсен на Бахамите, а американските федерални обвинители поднеле кривична пријава против него во Њујорк.

– Претходно оваа вечер, властите на Бахамите го уапсија Самуел Банкмен Фрид, на барање на американската влада, на запечатено обвинение – напиша синоќа на Твитер државниот обвинител Демијан Вилијамс.

Сем Банкмен Фрид кој важеше за еден од најбогатите луѓе на денешницата, ја разбранува јавноста со својата биографија и деловните подвизи.

До 30-годишна возраст, тој помина пат од љубител на видео-игри, преку факултетот МИТ, статусот милијардер, поседување на втората најголема берза за дигитални валути во светот и дружење со познати личности, до целосен колапс на пазарот на крипто и губење на богатство.

Сем пораснал во семејство на двајца професори по право од Универзитетот Стенфорд, а тој самиот е роден во нивниот кампус.

Завршил во елитно приватно средно училиште во Калифорнија, а потоа и престижниот МИТ (Масачусетс институт за технологија) каде што дипломирал во 2014 година.

Неговото богатство се зголеми за време на пандемијата на коронавирус, па поради неговите активности во спасувањето на други крипто фирми, го споредуваат со основачот на банката „Ј.П. Морган“. Тој заработи милиони тргувајќи ја разликата во цената на биткоинот меѓу Азија и САД. Две години подоцна, Банкмен-Фрид ја лансираше „Еф-ти-екс“, која стана една од најголемите криптоберзи во светот, и беше проценета на 32 милијарди долари

Тој повеќепати изјави дека сака да ги донира сите свои пари и да живее скромно. Банкмен-Фрид се залагаше за построго регулирање на криптовалутите, промовирајќи ја идејата за ставање на црната листа на дигитални адреси поврзани со финансискиот криминал.

Во писменото сведочење на сослушувањето во Министерството за финансии на САД за надзор на финансиската стабилност во јули, Банкмен Фрид рече дека „Еф-ти-екс“ има за цел да ги комбинира најдобрите практики на традиционалниот финансиски систем со најдоброто од екосистемот на дигитални средства“, објави „Гардијан“.

Слични содржини