Контроверзниот интернет инфлуенсер и поранешен кикбоксер Ендрју Тејт е приведен во Романија под сомнение за трговија со луѓе, силување и организиран криминал, соопшти обвинителството во Букурешт.
Британецот со американско потекло Тејт, кому му е забранет пристапот на бројни социјални мрежи поради мизогински коментари и говор на омраза, како и неговиот брат Тристан, ќе останат во притвор 24 часа, заедно со двајца романски осомничени, соопшти обвинителството.
Браќата Тејт се под кривична истрага од април, а нивниот адвокат потврди дека се во притвор.
„Четворицата осомничени создале организирана криминална група со цел да регрутира и искористува жени, принудувајќи ги на порнографска содржина. Од тоа имале голема финансиска придобивка“, соопшти обвинителството во Букурешт.
Обвинителите додадоа дека пронашле шест жени кои сведочеле дека осомничените сексуално ги злоставувале.