Британската полиција соопшти дека уапсила 45 навивачи во немирите што избувнаа синоќа во Лондон по финалето на Европското првенство во фудбал меѓу Англија и Италија, во кое „азурите“ славеа по пенали, пренесе Ројтерс
– Бројни полицајци останаа на должност и по натпреварот, помагајќи им на навивачите да ги напуштат стадионот „Вембли“ и центарот на Лондон. Тука сме да ја зачуваме безбедноста на луѓето – објави градската полиција на Твитер.
Имаше инцидент во пресрет на финалето на Европското првенство, кога бројни навивачи од Италија и Англија се обидоа да се пробијат до трибините на стадионот без билети.
Не е јасно како некои навивачи успеаја да ја пробијат првата заштитна ограда, некои успеаја да стигнат до влезот на трибините, но таму ги пречекаа работници од обезбедувањето.
Имаше неколку повредени, а коњаничката единица на полицијата ги растера бунтовниците и им овозможи на навивачите, кои влегоа на стадионот со своите билети, во мир да го следат финалето.