Вчера Основното јавно обвинителство издаде наредба до МВР за приведување на креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм.
Според тоа, јавниот обвинител денес одлучи двајцата осомничени да се гонат за кривичното дело – Производство и дистрибуција на детска порнографија, соопштија од Јавното обвинителство.
Исто така, поради опасност од бегство, по предлог на Јавниот обвинител, најверојатно на двајцата осомничени кои се на возраст од 32 и 21 година, ќе им се одреди мерка притвор.
ЈОРСМ во соопштението наведува дека во периодот од 19 декември 2019 до 28 јануари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.
„Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега беше неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи. По овие наредби и барања беа доставени известувања и анализи. Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка, согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува“, посочуваат од ЈО.
Од таму додаваат дека согласно своите надлежности, Јавното обвинителство ќе постапи и по проверките во предистражна постапка врзани за досегашните пријави на жртвите од „Јавна соба“. Со тоа, институцијата ги охрабри и останатите кои се жртви на слични или исти случаи, да пријават во МВР.
ЈО посочува дека МВР располага со база на податоци со имиња и презимиња на сите граѓани и странци, како и нивните лични податоци што ќе помогне настаните да се документираат и да се обезбедат релевантни докази по службена должност, а кога тоа го пропишува Законот за кривична постапка, и по наредба и барање на јавниот обвинител.
Воедно, Јавното обвинителство ги поддржува предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“ и „сексуално вознемирување“ кои во иднина треба да овозможат поефикасен прогон на овие кривични дела.