Руските власти приведоа блиски соработници на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен на аеродромот во Москва во неделата по враќањето од Германија, каде беше на лекување.
Портпаролката на Навални Кира Јармиш беше приведена во текот на ноќта откако повика на протести, објави на Твитер, додавајќи дека ќе остане во притвор девет дена. Приведени се и координаторите на приврзаниците на Навални во Владивосток, Краснодар и Калининград.
Утре ќе има протести во Русија
Утре треба да се одржат протести против притворањето на Навални и државната репресија во околу 70 руски градови. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги предупреди граѓаните да не учествуваат во овие незаконски протести.
Навални мора да остане во притвор 30 дена. Руското правосудство го товари за кршење на условите за условно ослободување со одењето во Германија на лекување.
Претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел денес го повика рускиот претседател Владимир Путин да го ослободи Навални и да спроведе транспарентна истрага за неговиот обид за убиство.