Норвешка одбележува 10 години од масакрите во Осло и на островот Утоја, кога антимигрантскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 лица.
Тој настан се смета за најлош чин на насилство во таа земја од Втората светска војна.
Брејвик прво активираше автомобил-бомба пред канцеларијата на премиерот во Осло, каде загинаа осум лица, по што со автомобил се упати кон островот Утоја и уби 69 лица кои беа собрани во младинскиот летен камп, потсетува „Ројтерс“.
Комеморативната церемонија ќе се одржи пред поранешната канцеларија на премиерот во Осло, која остана празна урнатина од нападот, поради несогласувањата околу нејзиното реновирање.
На комеморативната церемонија ќе присуствуваат премиерот Ерна Солберг, преживеаните и роднините на жртвите.
После тоа, ќе се одржи богослужба во катедралата во Осло, каде ќе говори генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој беше премиер за време на нападот.
На крајот на богослужбата, напладне, црковните sвона ќе ѕвонат низ целата земја пет минути.
42-годишниот Брејвик издржува затворска казна од 21 година, која може да биде продолжена доколку продолжи да се смета за закана за општеството.