Убиен еден од ограбувачите на златарница во Косово, ранет полицаец и приведени седум лица

од Radmila Tasevska

Косовската полиција соопшти попладнево дека убила еден од осомничените за грабежот што се случи на 22 ноември, кога од златарница во градот Сува Река беше украден накит во вредност од околу 250 илјади евра, при што беа ранети и двајца полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според полицијата, осомничениот рабојник, идентификуван од медиумите како Дукаѓин Гаши (Д.Г. според полициското соопштение), познат на органите на редот поради неговото криминално минато, бил убиен во самоодбрана, односно откако отворил оган кон полицијата која отишла на местото во приштинската населба Драгодан, за кое имала информации дека се засолнети разбојниците.

Во соопштението на нејзината официјална веб-страница, полицијата информира дека во врска со случајот се приведени четири лица и дека едно, за кое се вели дека е брат на убиениот, е во бегство.

Според полицијата, осомничените се со криминални досиеја за кривични дела, како убиство, разбојништво, тешки кражби, напади, закани, телесни повреди, принуда, поседување оружје без дозвола и сл.

Во текот на истрагата за грабежот во Сува Река, претходно, пред денешната полициска акција, беа уапсени три лица, за кои се претпоставува дека им помогнале на извршителите на грабежот во текот на неговото планирање и изведба.

Полицијата соопшти дека во денешната акција е повреден полицаец, но дека неговиот живот е надвор од животна опасност.

– Во текот на полициската акција, осомничениот отвори оган врз полициските службеници, директно загрозувајќи ги нивните животи, при што е повреден полициски службеник. Полицајците во самоодбрана беа принудени да употребат пропорционална сила, при што успеаја да неутрализираат еден осомничен, додека други четворица осомничени беа уапсени. Бројот на досега уапсените лица достигна до седум, еден е неутрализиран, а по друг сé уште се трага, се наведува во соопштението.

Слични содржини