Убијците на Оки побегнале со возило, го има на безбедносни камери – нови детали за ликвидацијата во Ханиоти

од Nikola Popovski
594 прегледи

Нови информации испливаа во грчката јавност околу истрагата за убиството на 39-годишниот Орхан Бајрами – Оки, еден од неформалните водачи на скопскиот криминален клан „Дуќанџик“, кој во саботата беше ликвидиран на мафијашки начин во селото Ханиоти, на Халкидики.

Според „In.gr“, понови информации говорат дека тамошната полиција во рацете има видео-снимка од автомобилот со кој дошле и побегнале убијците, иако првично се тврдеше дека со мотори пристигнале во луксузната вила во која престојувал Бајрами со своите пријатели.

-Безбедносните камери снимиле патнички автомобил со странски регистарски таблички пред и по убиството, во близина на вилата во која седел 39-годишникот. Според полициски извори и од досегашната истрага, се чини дека двајцата сторители биле токму во овој автомобил, пишува грчкиот медиум.

Порталот пишува дека возилото не поминало низ ниту еден граничен премин, па се вршат опсежни претреси за негово лоцирање во Грција, како што навеле истите полициски извори.

Ова сепак, не ја негира можноста дека сторителите можеби ја преминале границата со Грција користејќи друг начин.

-Полицијата смета дека конкретното возило останува во границите и врши интензивни увиди за негово лоцирање, што ќе биде важен елемент во истрагата за мафијашката егзекуција, пишува грчки „In“.

По ликвидацијата Ханиоти бил блокиран од полициски патроли, а се проверуваа граничните премини кон Македонија, Бугарија и Турција бидејќи се претпоставува дека убијците дошле надвор од Грција.

Војната меѓу клановите во скопското подземје беснее со години, многу луѓе се ранети и убиени, а убиствата остануваат неразјаснети.

Слични содржини