Турција се налути од тоа што различни земји забележаа истребување на Ерменците од пред 100 години, и уште повеќе од тоа што некои го нарекоа “геноцид”. Анкара смета дека неправедно е подложена на понижување-пишува DW.
На неколку пати во последниве недели Турција со “чкртање на заби” мораше да го прифати фактот дека различни политички субјекти во Европа одбиваат да се усогласат со нејзиното барање: оценките за депортациите на Ерменците помеѓу 1915 и 1917 да бидат оставени целосно на историчарите. Прво се изрази Папата Франциск, кој го употреби зборот “геноцид” неприфатлив за Турција , потоа истиот концепт се појави во резолуцијата на Европарламентот и на австриските парламентарни фракции.
Претседателите на САД, Русија и Франција – Барак Обама, Владимир Путин и Франсоа Оланд исто го навлекоа гневот на Анкара, бидејќи потсетија на злосторствата против Ерменците. Притоа Обама дури не беше го споменал зборот “геноцид” во името на најблиските партнерски односи меѓу двете земји во рамките на НАТО. За капак дојде кажаното од германскиот претседателЈоаким Гаук, кој во својот говор пред Берлинската катедрала не се двоумеше да зборува за “геноцид”.
“Дипломатски срам”
Турција ги смета сличнитеозиции за неприфатливи. Националистот Јумит Јоздаг се разгневи на Германија, која најмалку од сите имала право да говори за геноцид. Фактот дека тоа го прави и дава совети на Турција, претставувал “дипломатски срам”.
Вицепремиерот Јалцин Акдоган препорача на сите кои зборуваат за “геноцид над Ерменците” да ги разгледуваат сопствените проблеми и да видат како се однесувале кон странците во текот на историјата. Со слични аргументи турското Министерство за надворешни работи ги отфрли и изјавите на Путин по ова прашање. Со оглед на бројните руски злодела во Кавказ и други региони, Москва очигледно добро може да препознае што е геноцид и што – не, се велеше во мислењето.
Во турските медиуми изјавите на Гаук и на Путин беа постојано критикувани. “Грозни зборови” рекол германскиот претседател на адреса на Османлиите, напиша весникот близок до власта “Сабах”. Весникот “Миллијет” пак објави дека Гаук предизвикал “скандал”.
“Огромен страв”
Адвокатот заштитник на човековите права, Орхан Кемал Ченгиз смета дека сите овие обвинувања издаваат “огромен страв”: “На крајот на краиштата, модерна Турција се гради врз изолирањето на сите не-муслимански малцинства. Овој факт во Турција се признава само од неколкумина интелектуалци, но не и од пошироката јавност, а уште помалку од политиката “, изјави тој за Дојче Веле.
Острите политички реакции на Анкара се пречекуваат добро во самата Турција. Неколку недели пред турските парламентарни избори на 7 јуни, тие ги подгреваат најмногу националистички ориентираните гласачи. Не е исклучено тие да се обратат токму кон нив, со цел мобилизација на силите.
Надворешнополитички сепак слични изблици на пресилен гнев прават повеќе штета отколку што помагаат на Турција. Во напаѓаните од Анкара земји речиси и не останал одговорен политичар кој не обрнува сериозно внимание на турските претензии. Покрај тоа, неконтролирани изливи на лутина дополнително предизвикуваат сомневање во веродостојноста на Турција како партнер на Западот.
Курс, кој води до изолација
Тоа дека турската влада одбива да ја прифати оценката за “геноцид” над Ерменците, е донекаде разбирливо со оглед на домашната политичка ситуација во земјата и децениите во кои овие злосторства биле целосно негирани.
Но, тоа што Анкара со лесна рака си овозможува речиси да го расипе пријателството со некои од своите најважни сојузници, само затоа што тие не сакаат да ја следат турската позиција по прашањето, најверојатно ќе даде сериозен повод за размислување на голем број западни политичари.
Веќе подолго време наваму Турција сака да се претставува пред светот како регионална сила, чиј незапирливи подем се блокирал исклучиво од странски фактори во Европа и САД, кои се плашеле од појавата на силен ривал. Тоа е премногу чудна перцепција за светот е и дел од објаснувањето за острината на актуелниот спор за ерменското прашање. Не е исклучено, Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот / АКП / да извлечат некои привремени внатрешно-политички придобивки од овој спор, привлекувајќи на своја страна уште повеќе националистички настроени екстремисти. Надворешно-политички сепак, на овој курс води само до изолација.

