Владата на денешната седница не ја донесе очекуваната одлука за укинување на маските во основните училишта која беше дадена како препорака минатата недела од страна на Комисијата за заразни болести.
Комисијата за заразни болести предложи учениците до 9 одделение да не носат маски во училиштата, со образложение дека ова доаѓа по падот на бројките на заразени во нашата држава во последниот период.
„Ученикот нема обврска за носење на маски во училиштата. Но, ако некој сака да носи маска, тоа е негов личен избор. Тоа е затоа што имаме мирна состојба периодов со корона вирусот. И додека здивнуваме, ќе се посветиме на рекламирање на вакцинацијата затоа што тоа е единствен лек за да се спречи ширењето на корона вирусот. Ние не знаеме што ќе се случи по еден месец и мора да реагираме навреме“, рече претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Досега во земјата се направени вкупно 1.941.593 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 303.728, бројот на оздравени пациенти е 292.628, на починати е 9.187, а бројот на активни случаи изнесува 1.913.