Министерството за образование и наука континуирано вложува во подобрување на условите во кои учениците се школуваат, како еден од предусловите за квалитетно образование. Во Прилеп, во СОУ „Ѓорче Петров“, завршуваат градежните активности за реконструкција на училишната зграда, со средства од МОН во износ од 12,6 милиони денари или приближно 200.000 евра. Средното училиште, познато по иновативните идеи, не било обновено уште од минатиот век, од изградбата во 1963 година.
Реконструкцијата опфати дренажа и поврзување на атмосферската канализација, реконструкција на подовите во сите простории во училишната зграда со поставување на линолеум, промена на осветлувањето и поставување на лед светилки, санација на внатрешните ѕидови од влага и малтерисување, промена на азбестните плочи на дел од покривот со сендвич панели и поставување на термоизолациона фасадна обвивка.
Министерството за образование и наука, во последните две години, во буџетот намени 1 милијарда денари, на годишно ниво, за изградба на училишта, спортски сали, за реконструкција на постојни објекти и слично, што е двојно повеќе од изминатите години. Во соработка со локалните самоуправи, МОН создава услови за непречено и квалитетно изведување на настава.
Образованието е најголемиот влог во иднината и развојот на државата, затоа МОН продолжува со капитални инвестиции, како и со унапредување на наставните програми и обуки на наставниот кадар.