Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите ќе разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта.
Од Министерството веќе спровеле анализа која им дава јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво.
„Според анализата на МОН, од вкупно 450 опфатени компании од цела држава, дури 85 % се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава. Ова е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар“, стои во соопштението на Министерството.
Овој проект се реализира во соработка и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.
Во повеќе општини во земјава веќе неколку години функционира системот на дуално образование, со поддршка на Германската амбасада во Македонија, преку која средношколците учат, се обучуваат во германски компании во земјава за што добиваат и паричен надоместок.