Паравоената Ослободителна народна армија, во јавноста попозната како УЧК ја презеде одговорноста за гранатирањето на Владата кое се случи во петокот во 21 часот, пишува приштинскиот весник Коха Диторе.
Од македонската полиција за сега нема коментар. Според медиумот, соопштението со кое се презема одговорност е потпишано од за сега непознат командант Куштрими. До сега Владата беше погодена со три гранати во два засебни напади.
Од полицијата велат дека двата напади се случиле од ист правец, а во инцидентите немаше повредени.
Наводната УЧК (ОНА) по втор пат презема одговорност за гранатирањето на владата иако е непознато кој се крие зад овие соопштенијата. Освен за ова, фантомската организација презеде одговорност и за нападот пред Основниот суд Скопје II.
Интересно е дека тогаш беше откриено дека потписот на соопштението со кое се преземаше одговорност беше фалсификуван.
Комуникето наводно потпишано од страна на Ослободителната национална армија, во кое таа се ја презема одговорноста за бомбашкиот напад во Скопје, содржи фалсификуван потпис на гувернерот на Европската банка, која се користи на евро банкнотите-јави тогаш Алсат.
Ова беше откриено од граѓаните на социјалните мрежи по ширењето на најновото коменике на УЧК, со кое ја презеде одговорноста за нападот пред Основниот суд Скопје II.
Оваа фантомска организација ја презеде одговорноста на интернет за гранатирањето на Владата пред неколку месеци и бомбашките напади врз полициски станици во близина на Тетово и Куманово. Сите овие напади поминаа без жртви и материјални штети.
Многумина периодов предупредуваа дека можно е самата влада да се обиде да предизвика меѓуетнички конфликт за да се спаси самата од политичките „бомби“ на опозицијата кои сериозно го разнишаа угледот и довербата на премиерот Груевски и неговите соработници, пренесува Libertas.


