Извршниот комитет на УЕФА денес го потврди новиот формат на натпреварувањето, кој ќе стапи на сила од сезоната 2024/25 во европскиот фудбал. Реформата дојде по долги разговори со сите клубови учесници, а Европската куќа на фудбалот се надева дека ќе има позитивно влијание врз понатамошниот развој на играта.
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин изјави дека новиот формат ќе поддржи повеќе клубови во Европа да стигнат до местата меѓу најдобрите, алудирајќи на воспоставувањето на Конференциската лига.
– Новиот формат ќе го поддржи статусот и иднината на домашниот фудбал во Европа. Тој го зачувува она што е најважно, а тоа е играта на националните шампионати, и токму тоа треба да биде критериум за квалификации. Конкурсот ќе биде отворен. Форматот ќе им овозможи на сите да можат да се најдат во Лигата на шампионите, благодарение на постигнатите резултати на теренот. Тоа е долгорочен, просперитетен план, а не централизиран картел – рече Чеферин и ја „пецна“ Европската Суперлига.
Она што е главната промена е што наместо 32 екипи во Лигата на шампионите, сега ќе има 36 екипи, нема да има групна фаза, туку сите ќе бидат сместени на една табела. Тие ќе одиграат десет натпревари против десет различни противници (пет на домашен терен и нагости), а не како претходо шест натпревари.
Осумте најдобри ќе се пласираат директно во нокаут фазата, додека оние од деветтото до 24-то место ќе играат во плејофот за пласман во осминафиналето.
Слична работа ќе се направи и во Лигата на Европа, каде ќе се одиграат осум натпревари во групната фаза, а во конкуренција ќе има 36 екипи.
Пласманот во Лигата на шампионите сепак ќе може да се одвива преку настапот во домашните шампионати, а она што е важно да се истакне е дека третопласираната екипа од петтата асоцијација ќе добие уште едно место во групната фаза според Коефициент на УЕФА. Уште две места ќе имаат клубовите со најголем коефициент во последните пет години од оние тимови кои не се квалификувале во Лигата на шампионите или Лигата на Европа или Конференциската лига.