УЕФА покрена дисциплинска постапка против Реал, Барселона и Јувентус

од Stefanija Kuzmanovska
294 прегледи

Европската фудбалска централа (УЕФА) денес покрена дисциплинска постапка против Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, кои одбиваат да се откажат од учеството во Европската Суперлига.

УЕФА назначи „етички и дисциплински инспектори кои ќе го испитаат проектот на таканаречената Супер лига“.

Европската Суперлига ја основаа 12 клуба пред три недели, но по помалку од два дена девет клуба се повлекоа од натпреварувањето поради големиот притисок од јавноста и навивачите.

Реал Мадрид, Барселона и Јувентус останаа со проектот.

Европската куќа на фудбалот не прецизираше во изјавата за кое „потенцијално кршење на правната рамка на УЕФА“ се обвинети трите клуба.

„УЕФА ги задржа сите права да преземе какво било дејствие што смета дека е соодветно против оние клубови кои досега одбиваа да се откажат од таканаречената Суперлига. Предметот веднаш ќе биде проследен до надлежните дисциплински органи на УЕФА“, се наведува во соопштението.

Меѓу дисциплинските санкции за кршење на статутот на УЕФА, најтешки за клубовите се исфрлањето од сегашните или идните натпреварувања, како и за тренерите, забраната за активности поврзани со фудбалот.

По остра критика од навивачите и медиумите, англиските клубови, Арсенал, Челси, Ливерпул, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити и Тотенхем, најпрво се откажаа, а потоа Атлетико Мадрид, Интер и Милан.

Деветте клуба потпишаа договори со УЕФА за учество во постоечки натпреварувања под нејзино покровителство и се согласија да отстапат пет проценти од своите приходи за една сезона играње во европски натпреварувања.

Реал Мадрид, Барселона и Јувентус во заедничката изјава во саботата ги осудија заканите на УЕФА за исфрлање од европските натпреварувања.

Слични содржини