УЕФА покрена истрага против Црвена Ѕвезда поради навредите кон Ибрахимовиќ

од Nikola Popovski

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) покрена дисциплинска истрага поради мечот од шеснаесеттото финале во Лигата на Европа, во кој Црвена звезда и Милан одиграа 2: 2 во Белград.

УЕФА во своето соопштение наведе дека започнала истрага, но не прецизира точно зошто.

Сепак, повеќе од јасно е дека проблемот е предизвикан поради навредите упатени кон напаѓачот на Милан, Златан Ибрахимовиќ на национална основа, за што Звезда му се извини на Швеѓанецот со босанско-херцеговинско потекло.

„Според членот 31 од Дисциплинската регулатива на УЕФА, денес етичкиот и дисциплинскиот инспектор доби задача да ги испита инцидентите што се случија на натпреварот од шеснаесеттото финале во Лигата на Европа помеѓу Црвена звезда и Милан, одигран на 18 февруари 2021 година во Србија. Повеќе информации за овој случај ќе бидат навремено достапни“, се вели во соопштението.

Да потсетиме, црвено-белите во своето соопштение наведоа дека ќе сторат се што е во нивна моќ со помош на надлежните органи со цел да се најде одговорниот виновник за навредата на Ибрахимовиќ.

Без оглед каква и да биде одлуката на УЕФА, тоа нема да влијае на реваншот од шеснаесеттото финале, кој е закажан за четврток во 21 часот во Милано. Доколку Звезда успее да ги изненади Росонерите и да се пласира во следната фаза, можно е тие да сносат последици во следното домаќинство, и не е исклучено потенцијалната казна да биде пренесена во следната сезона.

Слични содржини