УЕФА за доцнењето на финалето: Фанови со лажни билети направија хаос

од Vladimir Zorba
438 прегледи

Финалниот натпревар од Лигата на шампионите во саботата започна со 35 минути задоцнување поради тоа што навивачите правеа нереди пред „Стад де Франс“ во Сен Дени. Голем број од нив се обиделе да влезат на стадионот со лажни билети.

Јасно е дека вакво финале во Лигата на шампионите одамна се очекуваше. Навивачи последен пат имаше во финалето во 2019 година, без никакви ограничувања за влез на стадионот. Покрај тоа, навивачите на Ливерпул имаа голема желба да го гледаат својот клуб во финалето, а дел од нив изгледа се обиделе да го направат тоа по секоја цена.

„Пред натпреварот, портите каде што беа навивачите на Ливерпул беа блокирани од илјадници навивачи кои купија лажни билети кои не функционираа на влезовите. Тоа создаде голема гужва меѓу луѓето кои се обидоа да влезат“, се вели во соопштението на УЕФА.

Европската куќа на фудбалот наведува и дека почетокот на натпреварот е одложен за на трибините да влезат што повеќе луѓе со оригинални билети.

„Додека луѓето се приближуваа, полицијата мораше да ги растера со солзавец. УЕФА жали за оние кои настрадаа поради овие инциденти и наскоро ќе ги разгледа понатамошните чекори со француската полиција и Француската фудбалска асоцијација“, велат од централата.

„Многу сме разочарани што имаше проблеми на влезот. Ова е најголемиот натпревар во европскиот фудбал и навивачите не треба да ги доживеат работите на кои бевме сведоци оваа вечер“, се вели пак во соопштението на Ливерпул.

Слични содржини