Врз основа на добиени лабораториски наоди од Институтот за ветеринарна медицина од 06.01.2022 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го потврди првиот случај на присуство на болеста Африканска свинска чума во две огледувалишта во делчевското село Драмче каде се угинати 14 свињи.
-Директорот на АХВ Николче Бабовски донесе решение со кое нареди преземање на контролни и заштитни мерки за контрола и сузбивање на болеста, а за појавата на болеста официјално ги извести и Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и Европската комисија.
На целата територија на Република Северна Македонија се забранува промет и движење на свињи, одржување на изложби или друг вид на спортски или културни настани за сите приемчиви животни на оваа болест, а до крајот на месцов ќе се спроведе и вонреден попис на свињите и клинички преглед во огледувалиштата.
Во сите ловишта во Источниот регион во кој спаѓаат општините Берово, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Чешиново Облешево и Штип каде целосно е забранет ловот (за сите видови на дивеч), ловните друштва и концесионерите на ловиштата имаат обврска согласно донесеното решение да вршат пребарување на ловиштето за пронаоѓање на угинати диви свињи, земање на мостри од истите и нештено отстранување на угинатите диви свињи. Пронајдените угинати диви свињи треба да се пријават кај официјалените ветеринари.
Стручни тимови составени од претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за внатрешни работи, претставници од локалната самоуправа од Општина Делчево и од ветеринарните друштва, од вчерра се на терен и ги спроведуваат наредените мерки со донесеното решение. Во одгледувалиштата каде е потврдено присуството на болеста, извршена е еутанизација (хумано убивање) на 6 свињи, земени се мостри за лаборатиориско испитување, а лешевите на угинатите и еутанизираните животни, под официјален надзор, се нештетно отстранети и закопани.
Со цел уништување на вирусот, во овие одгледувалишта извршена е и темелна дезинфекција на просторот и опремата, преземени се и мерки за нештетно отстранување на свежо месо, подготовки од месо и производи од месо кои се затекнати во фрижидерите во домаќинствата во чии одгледувалишта е потврдено присуството на болеста. Во заштитната зона со радиус од 3 километри околу потврдените жариштa, вкучувајќи ги населените места Драмче, Очипала, Киселица и Ветрен во Општина Делчево, се спроведува попис и клинички преглед на сите одгледувалишта, а воведена е и забрана за движење и превоз на свињите во и од сите одгледувалишта од оваа зона. За утврдување на можниот извор на заразата во одгледувалитата од заштитната зона ќе се изврши и епидемиолошко испитување како и одземање, убивање и нештетно отстранување (депопулација) на сите свињи од кои ќе се земаат мостри за лабораториско испитување. За одгледувачите на сила е и мерката за задолжително пријавување на секој сомнеж на болеста и на угинување на животни.
Во зоната под надзор (во радиус од 10 километри околу жариштата каде болеста е потврдена), а која ги опфаќа општините Делчево и Македонска Каменица со населените места Ѕвегор, Габрово, Полето, Костин Дол, Селник, Косевица, Македонска Каменица, Луковица, Тодоровци, Бигла, Косово Дабје, Делчево, Турија и Иливо, се забранува движење и превоз на свињите во и од сите одгледувалишта од заштитната зона, освен ако свињите се упатуваат на колење во најблиската соодветна кланица. Таму наредени се мерки за следење на состојбата и за спроведување на засилени биосигурносни мерки на фармите, а засилени ќе бидат и контролите, соопштија од АХВ.