Нема лек ниту вакцина за африканската свинска чума, одгледувачите ќе бидат обештетени

од Nikola Popovski

Директорот на АХВ, Николче Бабовски денеска информираше дека констатирани се шест случаи на африканска свинска чума во земјава.

Тој побара сите одгледувачи во земјава да ги пријават сите сомнежи или случаи на угинување на домашни свињи до инспекторите на АХВ или локалните ветеринарни клиники.

-За сите случаи кои ќе бидат навремено пријавени и ќе се констатира болеста, следува финанска помош. Доколку случаите не се пријават, тогаш на одгледувачите не им следува никаква помош преку Буџетот на АХВ. Во овие места каде ќе се констатира позитивен случај, тоа место се прогласува за жариште, но не значи дека сите свињи во тој регион се заболени. И една свиња да е, ние го нотираме како жариште и во радиус од три километри се врши нештетно отстранување на сите свињи. Ова се врши за да не се шири вирусот. За жал за вирусот нема лек ниту вакцина во светот. Единствен начин за спречување на ширење е уништување на животните во радиус на три километри и целосно обештетување на огледувачите на свињи, појасни Бабовски.

Тој информира дека како Агенција прогласиле и зона на висок ризик која се наоѓа во граничниот појас кон Бугарија и Србија.

-Исто така забрането е на цела територија одгледување на свињи на отворено без контрола. Африканската свинска чума е најголемата пандемија кај домашните животни. Изворот на вирусот се дивата популација на свињи, а кај нас е дојдено најверојатно од една соседна држава, појасни Бабовски на прес-конференција со новинарите и додаде дека сакаат да ги заштитат малите огледувачи на свињи.

Слични содржини