„Целосно сме заборавени со петтиот пакет мерки. Ние немаме ограничување во дејноста, кај нас е многу полошо отколку во другите дејности. Имаме забрана за врше на нашата примарна дејност и доколку работиме кривично ќе одговараме“, изјави на денешниот протест на угостителите во населбата Автокоманда, Перица Голомеиќ, сопственик на ресторанот Рагуза360.
Тој посочува дека 5 месеци од сопствени средства даваат плати за вработените, а државата им помогнала со шест.
„11 месеци од сопствени средства плаќаме камати за кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останато. Бараме да работиме под најригорозни протоколи. Во првата фаза не бараме да ни се дозволи организирање на т.н. традиционална македонска свадба, туку единствено сакаме да работиме под истите услови и протоколу како што работата и останатите ресторани“, беше соопштено денес на протестот, кој се уште трае.
Министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека за нив има мерки во петтиот пакет во делот за исплата на плати за два месеца и во бескаматните кредити со грант-компонента ако покажат позитивни резултати.
„Не се согласувам со ултиматумите што беа испратени, а би ги охрабрил граѓаните да го искажат своето мислење на демократски начини како што се и протестите. Ние ќе бидеме тука како Влада да им помогнеме на граѓаните и на бизнисот со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици“, изјави Бектеши.
Бектеши ги потсети дека речиси осум месеци државата ги плаќа платите и дека има одредени други олеснувања за угостителството, како и тоа дека дел од нив го одбиле предлогот, покривањето да биде врз основа на профитите и приходите што ги имале во 2019 година.