Угостителите ги очекуваат протоколите, се надеваат на измени

од Берта Китинска
425 прегледи

Угостителите кои утре треба да ги отворат терасите, во секој момент очекуваат да ги добијат протоколите за работа од надлежните. Велат дека мерките доследно ќе ги почитуваат, но сепак се надеваат на измени согласно нивните барања.

– Денеска очекуваме секој момент официјално да ги добиеме протоколите. Имаме информации дека има измени според нашите барања. Извесно е дека нема да заработуваме, но можеме да направиме подобра позиција за да имаме помали загуби ако има поразумни мерки, вели потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, Мартин Ангеловски.

Според Стопанската комора на Македонија, во партнерски процес со Владата добиен беше предлог врз основа на кој се дефинираа превентивните мерки. Бизнисот ги изнесе забелешките и сега чека да види што од нив е усвоено. Времето ќе покаже, децидни се од Комората, дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите.

-Ситуацијата не е сменета од минатата недела кога ја предочивме состојбата. Ќе видиме утре кој се ќе отвори. Едно е најава, друго е на терен. Во секој случај, времето ќе покаже дали протоколите ќе се одразат врз работата на угостителите. Свесни сме дека во сите земји во регионот и пошироко угостителството и туризмот беа најпогодени. Од друга страна, отворањето на угостителските објекти е специфично од аспект на групирање на луѓето што е една од главните препораки која не треба да се прави, нагласуваат од Стопанската комора.

Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска, на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања, рече дека Владата веќе ги добила забелешките од коморите за протоколите.

Кусо информира и дека угостителските објекти ќе бидат отворени, односно ќе работат до 20 часот. За една маса на терасите ќе треба да обезбедат површина од десет метри квадратни, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.
-Ние веќе донесовме одлука за отворање на угосителските објекти од утре, но таа важи само за оние што имаат тераси и согласно протоколите за простор, дезинфекција и однесување и на клиентите и на угостителите. Одлуката е само да работат објектите кои имаат тераси и да ја почитуваат дистанцата. Имавме подготвен протокол од страна на Комисијата за заразни болести кој требаше да се одвива во три фази. За донесувањето на вчерашната одлука го почитувавме предлогот на Комисијата за втората фаза каде е предвидено отворање само на оние објекти кои имаат тераси согласно протоколите. Речиси 99 отсто од сите предлози на Комисијата дадени откако почна вонредната сотојба се прифатени од Владата, така одлучивме и овојпат, да го почитуваме предлогот на Комисијата. Ќе ја следиме ситуацијата, како се почитуваат протоколите и препораките усвоени на вчерашната седница, ако се почитуваат ќе ги отвораме и тие што се затворени, истакна министерот.

Поради коронавирусот, угостителските објекти не работеа и беа целосно затворени околу 2,5 месеци. Загубите, според проценките на секторот, се и ќе бидат огромни, а потребен ќе биде и подолг период за целосно закрепнување.

Слични содржини