Угостителите побарале одложување на Законот против пушење

Министерот Дурмиши не кажа дали можеби ќе се пролонгира имплементацијата на Законот која треба да почне од 1-ви март, но напомена дека целта е грижа за јавното здравје

од Nikola Popovski
11 прегледи Фото: Локално

Угостителите се недвосмислени – Законот против пушењето е рестриктивен, но во јавната расправа треба да се слушнат и нивните ставови и предлози. Предлог-законот не е удар по угостителството, туку заштита на правото на здраво работно место, велат од Министерството за здравство. Пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.

Прво кампања па примена на Законот против пушењето, побарале угостителите на средбата со државниот секретар во Министерството за економија и труд. Како што информира денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, идната недела најверојатно ќе се одржи уште еден состанок на кој ќе бидат присутни и тој и министерот за здравство, а ќе се разгледаат сите можности.

Дурмиши не кажа дали можеби ќе се пролонгира имплементацијата на Законот која треба да почне од 1 март, но напомена дека целта е грижа за јавното здравје.

На претстојниот состанок, потенцира, ќе се донесе одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите.

-Ги слушнавме забелешките на угостителите кои побарале одреден временски период до стапување во сила на Законот, односно да одиме прво со кампања па потоа со информација додека почне примената, за да бидат на некој начин подготвени. Ние ќе им повториме која е целта и на крај ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и угостителите, изјави Дурмиши, одговорајќи на новинарски прашања по настанот во Владата на кој беше презентиран Законот за работно ангажирање лица.

Новото законско решение ги изненади угостителско-хотелиерскиот сектор бидејќи со него се предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простори.

Цигари се забранети и во приватни возила, доколку внатре има дете. Исклучок се дозволува само на отворени тераси кои се отворени од најмалку три страни. Јавноста со поделени мислења, но оние кои ги анкетиравме велат дека законот е добар бидејќи ќе се намали бројот на пушачи, а и се заштитуваат оние кои не пушат.