Проф. д-р Ана Угринска, втора на листата на кандидати за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина и ко-претседателка на зелената партија ДОМ, во своето видео-обраќање испраќа предупредување за состојбата во главниот град.
„Скопје се гуши: загаден воздух, диви депонии што се палат и нè трујат, јавен превоз што се распаѓа. Ова не е политичка ‘нормалност’, туку аларм”, порачува Угринска.
Таа ја упатува и политичката порака на коалицијата: Скопје да биде место за живеење, а не за преживување, затоа што, како што вели, нашата мерка е човекот.
Во фокусот на Коалицијата за зелена иднина се фер и инклузивни градски политики.
„Различни сме во сè, еднакви во достоинството. Не бараме совршенство, бараме фер однос и инклузивни градски политики”, вели Угринска.
Угринска потенцира дека заедничкото добро мора да стане императив на градските одлуки.
„Сакаме град што ја штити почвата, водата и воздухот како заедничко право. Ако ја чувствувате оваа одговорност, застанете со нас, да го вратиме достоинството на Скопје и да го изградиме како дом на сите,” повикува проф. д-р Ана Угринска.