Поради сензитивноста на случајот со трагедијата во Кочани, а во интерес на истрагата за овој трагичен настан, Управата за јавни приходи ќе се воздржи од соопштување на информации, со цел на било каков начин да се спречи влијае на истрагата која е во тек. Велат дека соработуваат со надлежните органи во насока на обезбедување на потребни докази и информации за потребите на истражните и кривичните постапки. Ваквиот нивен став следува дел од политичките партии посочија дека дискотеката „Пулс“ била пломбирана во декември 2024, но продолжила да си работи.
-Ја користиме оваа прилика за апел – да не се шпекулира со информации и да не се изнесуваат информации кои не се потврдени од истрагата, вклучувајќи ги и информациите кои произлегуваат од законските надлежности на УЈП, имајќи предвид дека целокупната јавност е потресена од овој трагичен настан.
Би ги демантирале шпекулациите во јавноста во насока на обиди за политизација, како и пласираните информации од некои медиуми, а кои во ниту еден момент не се побарани да бидат потврдени од УЈП, ниту се дадени од УЈП. Не се точни информациите дека во декември 2024 година дискотеката „Пулс“ била “пломбирана“ од УЈП, но она што можеме да го потврдиме е дека за овој објект е изречена казна за сторен прекршок во декември 2024 година, согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, порачаа од УЈП.
„Пломбирање“, додаваат од оттаму, кое се пласира и за кое се шпекулира во јавноста е извршено кај друг угостителски објект (со друг назив) кој бил предмет на контрола и за кој изречена привремена забрана за вршење на дејност од 15 дена во периодот јули 2023 година, по претходно извршени контроли од УЈП согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања.
-Во рамките на законските надлежности на УЈП, кај должникот обврзник ММММ Кафе ДООЕЛ во неколку наврати во период од крајот на 2022 година се реализирани постапки на извршување на неплатен долг со блокада на сметка и долгот е наплатен, по што сметката по автоматизам се деблокира од банката. Но, од август 2024 година постапките за извршување на долгови, се сеуште активни заради наплата од средства на должникот во банките по повеќе основи (даночни долгови и плати), додаваат од институцијата.
Укажуваат дека блокирање на сметка, како мерка, согласно законот за даночна постапка, е предвидена во постапка на извршување односно наплата на долг во постапка на присилна наплата која ја спроведува УЈП.
-Во постапка на присилна наплата на долг согласно Законот за даночна постапка не е предвидена мерка затворање на објект. Блокирањето на сметка како мерка, и привремена забрана за вршење на дејност како мерка, се изрекуваат за различни основи, согласно различни закони и во различни постапки кои ги спроведува УЈП, стои во соопштението.
Партијата на ГРОМ, како и многу други, денеска го поставува прашањето до обвинителството, полицијата и другите надлежни органи кој дозволил дискотеката „Пулс“ да работи.
„За ГРОМ, ден Д од каде треба да се насочи истрагата е 21.12.2024 година. Тоа е денот кога официјален државен орган, Управата за јавни приходи, на овој објект му ставила пломба и го затворила. Воопшто не е битно дали тоа била УЈП, ДЗС, ЦУК, Пазарната инспекција или полицијата. Важно е дека официјален надлежен државен орган издал наредба за забрана за работа на овој објект.
Клучно прашање на кое што треба да одговори истрагата е кој го отвори објектот? Кој дозволи да биде отворен објектот? И на крај, со чии политички амин ова незаконито дејствие е истолерирано?“, стои меѓу другото во соопштението на партијата.