Откако во јавноста беше објавено дека 83.000 работници сè уште не ја примиле јануарската плата, Управата за јавни приходи (УЈП) се огласи со соопштение, во кое ги објаснува состојбите со исплатата на платите за месец јануари 2025 година.
Во соопштението, УЈП нагласува дека за месец јануари 2025 година, обврска за исплата на бруто плата имале вкупно 70.322 работодавачи за 550.001 вработено лице. Како што се наведува, поради тоа што законскиот рок за исплата, 15 февруари, се паднал во сабота, уплатите до 14 февруари ги направиле 46.525 работодавачи (66,2%) за 468.490 вработени лица (85,2%).
Со оглед на дополнителните уплати на 17 февруари, МПИН пресметките ги платиле 52.384 работодавачи (74,5%) за 496.778 вработени лица (90,3%). Ова покажува дека исплатата на платите продолжува со задоцнување и по истекот на законскиот рок.
Заклучно со 4 март 2025 година, МПИН пресметки поднеле и платиле 60.118 работодавачи (85,5%) за 528.418 вработени, што е 96,1%. Управата истакнува дека не е точно дека над 80.000 вработени сè уште не ја примиле јануарската плата. Всушност, заклучно со 4 март, 4.307 работодавачи (6,1%) не платиле МПИН пресметка за 11.504 вработени лица (2,1%), а 5.897 работодавачи (8,4%) сè уште не поднеле МПИН пресметка за месец јануари 2025 година.
Управата за јавни приходи информира дека мерките за присилна наплата се во тек, со очекување дека ќе продолжи наплатата на преостанатите долгови. На крајот, УЈП напомена дека редовно го следи трендот на исполнување на даночните обврски и дека податоците за работодавачите кои исплаќаат плата во законскиот рок и оние кои исплаќаат со задоцнување се на приближно исто ниво.