Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека започнува исплатата на средства за скенираните фискални сметки за четвртото тримесечје од 2025 година. За К4 – 2025 година ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
Оттаму појаснуваат дека до денес, реализирани се 184,5 милиони денари, кон 104.000 корисници на апликацијата МојДДВ. Исплатата на средствата продолжува, како се обработуваат налозите така се исплаќаат средствата на сметките на корисниците на МојДДВ.
УЈП напоменува дека во овој момент 5.292 корисници кои скенирале фискални сметки имаат внесено погрешна трансакциска сметка, поради што УЈП не е во можност да ја реализира исплатата. Се апелира до граѓаните доколку немаат добиено средства, да ги проверат и ажурираат податоците за трансакциската сметка директно во апликацијата МојДДВ.
По шпекулациите дека мерката би можела да се укине поради високите трошоци и слабите резултати во борбата против сивата економија, од Министерството за финансии негираа такво нешто. Дилемите се појавија откако исплатата на повратот доцнеше кон крајот на минатата година. УЈП го оправда тоа со технички проблеми.