Во услови кога целото општество ги одбројува деновите до 27 овој месец за кога вработените во УЈП најавија генерален штрајк, забрзано се бара решение кое треба да дојде од страна на помирувачот.
Професорот Лазар Јовевски кој за „Локално“ изјави дека е предложен за помирувач во овој колективен работен спор, единствено што обелодени е дека има надеж .
„Искрено се надевам дека страните во работниот спор ќе имаат добра волја да ги надминат спротиставените ставови“, рече Јовевски.
Објаснува дека за покачување на платите секако е потребна измена на Законот за буџет, но модалитетите со кои што се менуваат платите на вработените во јавниот сектор е, како што вели тој, или со Одлука на Влада, односно работодавачот или пак преку системот на колективното преговарање.
Како едно од можните останати, поинакви решенија посочува посебен Закон за плати во јавниот сектор, но за истото да биде соодветно, според него потребна е експертиза како и квалитетен социјален дијалог помеѓу Владата и Синдикатите кои би резултирал со квалитетно законско решение.
Од друга страна, како несоодветно решение го наведува сегашното понудено решение во однос на зголемување на платите од над 7.000 денари во наредните 5 години.
„Кризите, инфлацијата, тоа се причините поради кои домашните буџети на вработените се погодени и бараат соодветно покачување на платите сега. Не можеме да зборуваме за решение кое ќе се имплементира во рок од 5 години, без притоа да има речиси никакво позитивно влијание во моментот, а дополнително дискутабилно е дали ќе биде соодветно и за тогаш“, вели Јовевски.
Забележува дека не може да се каже дека нема средства кога, како што коментира, повеќе од очигледно е дека се обезбедиле средства за покачување на платите на функционерите и тоа во енормен обем.
Професорот Борче Давитковски, повикува на внимателност во однос на целата ситуација околу најавениот протест. Ги подржува синдикатите и вработените, но не и основата врз која се повикуваат во барањето за покачување на платите.
„Согласно Законот за буџет, предвидено е зголемување до 30 % на платата да можат да добијат оние вработените во Министерството за финанси ,коишто учествуваат во подготовка и реализација на буџетот. Тоа значи дека не сите вработени во Министерството за финансии,во Царината или во УЈП, туку само оние коишто го спремаат и реализираат буџетот“, вели Давитковски за „Локално“.
Согласен е дека вработените во Царина и во УЈП имаат мали плати, но тоа според него, треба да се реши преку други механизми. Покра Колективниот договор, една од опциите би била и барање за измена на Законот за буџет кој би предвидел дека сите вработени во Министерството за финансии и Органи во составот, имаат право на зголемување. Од друга страна, Давитковски повикува на внимателност при носењето на новиот Закон за плати во јавниот сектор.
„Со негово носење сите постоечки Колективни договори автоматски претстануваат да важат. Синдикатите мора да обрнат внимание на прописите што се носат. Доколку овој Закон се донесе, се што е договор, колективен, грански, специјален, воопшто нема да важи, односно сите постоечки договори ќе ги дерогира, и ќе го исклучи нивното дејство“, вели Давитковски тврдејки дека тоа би било исклучително опасно и затоа не смее да се дозволи. Но доколку сепак се случи, ќе мора да се реагира до Уставниот суд, дециден е тој.
К.В.С.