Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници за долгови доспеани до 30.11.2020 и неплатени до 28.02.2021 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е: повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и повисок од 300.000 денари за правните лица.
На Листата бр.03/2021 објавени се 2.790 должници – правни лица (помалку за 28 од претходната листа) и 1.825 физички лица (помалку за 28 од претходната листа).
Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.03/2021 изнесува 10.087.488.923 денари (163,5 милиони евра), помалку за 193.775.645 денари (3,5 милиони евра) од претходната листа.
Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 10.035.439.846 денари или 162,6 милиони евра (помалку за 187.957.192 денари од претходната листа или 3 милиони евра), додека долгот за царински давачки е 52.049.077 денари или 843.583 евра (помалку за 5.818.453 денари од претходната листа).
Кај правните лица на чело меѓу должниците и понатаму е Те-То АД Скопје, а во првите 10, меѓу другите, се и Национални шуми и Комуналец Гостивар.