Министерството за правда за време на надзорите му укажуваше на Основниот суд Куманово за несоодветно архивирање на предметите, но мерки не беа преземени од нивна страна, велат од ресорот.
Истакнуваат дека Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС-системот во судовите при Министерството за правда последниот надзор врз работата на Основниот суд Куманово го изврши на 6 јуни при што беше констатирано следново:
-Судската архива е сместена во подрумските простории. Архивирањето на предметите било завршено заклучно со 1971 година. Нема континуирано архивирање на предмети.
Според Министерството за правда, овој проблем се провлекува со децении и е констатиран уште со првиот надзор кога судот бил задолжен да започне со архивирање.
-Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС во судовите го задолжи Основниот суд Куманово да започне со континуирано архивирање на предмети и итно расчистување на архивскиот простор. Претседателот на судот се задолжува да постигне договор со архивот и да се продолжи со натамошно архивирање. За време на надзорот од страна на ВД претседателот на судот беше истакната забелешка дека овој процес ќе биде тежок за реализација затоа што судот располагал само со двајца службеници во архивата. Комисијата смета дека внатрешната организација е работа на судот, а архивирањето на предметите е обврска која мора да се почитува, стои во соопштението.