Указот за Законот за јазиците Иванов треба да го потпише до четврток или да го врати кај пратениците

од desk2
72 прегледи

Указот за Законот за јазиците  претседателот Ѓорге Иванов треба да го потпише до четврток или да го врати во Собрание, откако тоа веќе го донесе Законот  на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот.

Неизвесно е како ќе постапи Иванов и дали ќе го потпише указот за овој закон. Претседателот, како што посочија од неговиот кабинет, има рок од седум дена да го потпише указот на законот.

Дилемата за тоа дали Иванов ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.

Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонското законодавство.

Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.