Укината пресудата од две години затвор за Лидија Димова

Според Апелација, во пресудата не било јасно утврдено за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена виновна, а за кои е ослободена, што претставува сериозен пропуст во постапката

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ 24

Апелационен суд Скопје ја укина првостепената пресуда против Лидија Димова и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Според образложението, клучниот проблем во првостепената пресуда бил тоа што не било јасно за кои конкретни дејствија обвинетата е прогласена за виновна, а за кои е ослободена, што судот го оценил како суштествена повреда на кривичната постапка.

Предметот, според објавените информации, бил вратен во првостепениот суд на 30 март, каде ќе треба повторно да се разгледа.

Според пресудата, Димова беше задолжена да ја надомести штетата на Националната агенција во износ од 22,7 милиони денари во рок од шест месеци. Дополнително, таа требаше да ги покрие судските трошоци и да плати судски паушал од 10.000 денари.

Според обвинението поднесено во јуни 2022 година од обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска, Димова во периодот од 2018 до 2020 година ја злоупотребила својата службена положба. Таа постапила спротивно на Законот за јавни набавки и без јавен конкурс склучувала договори со надворешни соработници, овозможувајќи им противправна имотна корист и предизвикувајќи штета од 2,8 милиони денари на европските фондови.