Укината пресудата за „Беса транс“, случајот се враќа на повторно судење

од Nikola Popovski
25 прегледи

Апелациониот суд ги прифатил жалбите на обвинетите и ја поништил првостепената одлука за случајот „Беса транс“ со која сопственикот на фирмата, Беким Хаџиу беше осуден на 20 месеци затвор. Случајот од почеток ќе започне во Кривичниот суд каде Хаџиу и претставникот на правното лице „Беса транс“ повторно ќе седнат на обвинителна клупа.

-Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење, информираат од Апелација.

Судијата Ивица Стефановски кој го водеше случајот, во март годинава ја објави пресудата во Основниот кривичен суд Скопје. Тој наведе дека обвинетите Хаџиу и правното лице „Беса Транс“ се виновни затоа што обвинетиот, како управител на правно лице „Беса Транс“ во повеќе наврати употребил како вистинска лажна јавна исправа, извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај, која што воопшто не била издадена од страна на Министерство за транспорт и врски за тој автобус. Само за една година, со лажна јавна исправа, автобус на „Беса транс“, 20 пати ја преминал државната граница.

Казнета беше и фирмата „Беса транс“ како правно лице со парична казна од 800.000 денари и доби забрана за добивање лиценца за патен превоз во рок од четири години од правосилноста на пресудата.

Македонското обвинителство потенцираше дека несреќата во 2021 година се случила на територија на друга држава и дека истрагата ја водат нивните бугарски колеги. Тие можат да помогнат само по барања за меѓународна правна помош.

Пет семејства на загинатите преку адвокатски тим од Бугарија веќе ја оспорија истрагата на тамошните институции. Вината беше лоцирана кај возачот, кој исто така загина.

Автобусот на „Беса Транс“ удри во оградата на автопатот „Струма“ кај село Боснек во раните утрински часови на 23 ноември 2021 година. Непосредно пред клучката Бошнек, тој излета од коловозната лента, удри во заштитната ограда, а потоа се запали при што загинаа 45 лица, од кои 13 беа деца.

Слични содржини