Укината пресудата за „Топлик“, Јанакиески ќе го „спасат“ измените на КЗ

од Nikola Popovski
212 прегледи

Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет  КОКЖ-137/22, во јавноста познат како „Tоплик- Сончев град“, по одржана јавна седница на 08.06.2023 година, по советување и гласање на нејавен дел од седницата на 06.09.2023 година, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите М.Ј од С., Т.Ѓ од С., Д.Д. од С., М.Т. од С., Д.Ѓ. од С. И В.Т. од С., изјавени преку нивните бранители, ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување.

-Во интерес на јавноста и медиумите вака донесената неправосилна одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот, согласно Начелниот став на Општата седница на Врховниот суд на Република Северна Македонија од 21.12.2022 година, велат од Апелација.

Со одлуката на Апелација, шестмината ќе бидат ослободени од прогон, бидејќи согласно новиот Кривичен законик, делата им застареа во февруари годинава.

Според обвинението, делото злоупотреба на службената положба и овластување за кое се товарат екс-министерот Миле Јанакиески и останатите обвинети е сторено од 3 април 2007 до 18 февруари 2013 што значи дека апсолутна застареност според пресметките настапила во февруари 2023 година.

Првостепената пресуда Основниот кривичен суд Скопје ја донесе на 5 април 2022 година, со која на Јанакиески му изрече казна затвор од три години и шест месеци. Томе Ѓурчиловски, кој бил претседател на Комисијата за јавни наддавања во Министерството за транспорт и врски доби затворска казна во траење од 3 години затвор. На другите четворица (Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска), пак, судот им одреди условни казни затвор од две години кои нема да се извршат ако во рок од пет години не сторат ново кривично дело.

Според обвинението за предметот, кој беше отворен од поранешното СЈО, првоосомничен е Јанакиески, кој како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа. Сообвинетите со Јанакиески, во тоа време, биле членови на новоформирана комисија за јавни наддавањa, па, иако знаеле дека немало целосни податоци за градежното земјиште, доставиле објава за јавно наддавање за оттуѓување на градежното земјиште сопственост на државата

Слични содржини