Украина доби нова премиерка, 15 години по претходната. Која е Јулија Свириденко?

Таа ќе биде втората жена воопшто во историјата на украинската државност што ќе ја води Владата.

од desk2
33 прегледи

Нов прв човек на Владата на Украина денеска стана 39-годишната Јулија Свириденко, единствената кандидатка за премиерската фотелја.

 

Втора премиерка – втора Јулија

Фотографија: Wikimedia Commons

Таа ќе биде втората жена воопшто во историјата на украинската државност што ќе ја води Владата. Во целиот период од 1917 година досега, премиерската функција ја извршуваше само една жена – Јулија Тимошенко, во два наврата: од 24 јануари до 8 септември 2005 година, и потоа во долг мандат од 18 декември 2007 до 4 март 2010 година.

Свириденко, пак, која ќе го замени Денис Шмихал, најдолговечниот премиер во историјата на земјата, ќе води „преуредена“ влада, чија што клучна задача ќе биде развој на домашната војна индустрија и заживување на стопанството, кое опстанува само благодарение на странските заеми. Притоа, Свириденко знае што значи работење на влада – таа е министер за економија.

Новата премиерка на Украина е магистер по Антимонополско владеење и 10 години работи во државната администрација. Во 2020 година станува заменик-шеф на Кабинетот на Претседателот, а од крајот на 2021 година е вицепремиер и министер за економија.

 

Позната и во Вашингтон

Јулија Свириденко, дури и повеќе од нејзината имењачка и претходничка Јулија Тимошенко, е позната на Вашингтон. Тоа зборува колку на украинскиот претседател Володимир Зеленски му е важно да ги подобрува односите со американскиот колега Доналд Трамп.

Зеленски, по речиси цела година гласини, де факто го „разреши“ Шмихал на почетокот на седмицава, де јуре досегашниот премиер на Украина си даде оставка завчера. Веднаш откако објави за заминувањето на Шмихал, Зеленски кажа дека за неговото место е планирана Јулија Свириденко.

Идната премиерка има препознатлив јавен профил и веќе учествуваше во јакнењето на соработката со САД. Беше една од главните преговарачки при склучувањето на спогодбата со која Вашингтон добива повластен пристап до голем дел од украинското рудно богатство.

„Нејзината номинација на Вашингтон му праќа порака дека Киев ги става односите со САД на врвот на листата приоритети. За нас тоа партнерство не е само финансиско, туку се темели на вредности, заеднички проекти и општ заеднички напредок“, за Ројтерс коментира Микола Давидјук, политички аналитичар.

 

Шмихал ќе го преземе кормилото на одбраната
Досегашниот и најдолговечен премиер на Украина, Денис Шмихал, во новиот кабинет би требало да го води ресорот Одбрана. Тој потег говори колку на Киев му е важно јакнењето на капацитетот на одбранбената индустрија како клучен крак за одбрана од Русија.

Иако симнувањето од премиерска во министерска фотелја изгледа како деградација, во суштина со тоа Зеленски добива искусен технократски економист на чело на ресорот што користи најголем дел од државните финансии. За одбрана во буџетот за 2025 беа предвидени 2,23 билиони хривни (52,2 милијарди долари), што е отприлика 26% од БДП. Министерството досега беше мета на критики поради лоша организација и проблеми со набавките, додека Украина се бори против сѐ побројната и сѐ подобро опремената руска војска.

Зеленски и понатаму се потпира на мал број блиски соработници за најголемата реконструкција на Владата од почетокот на војната.

 

Реконструкција без избори

Изборите во Украина се забранети додека трае воената состојба. Со тоа се сложуваат голем дел од граѓаните, со оглед дека се раселени десетици милиони граѓани, но тоа значи и дека другите или новите политички лидери тешко може да се пробијат.

Слични содржини