Украина доби уште повеќе ракетни системи од САД и Германија

од Nikola Popovski
178 прегледи

Украина доби повеќе германски и американски повеќецевни ракетни системи како дел од пратката со високопрецизно оружје ветена од нејзините сојузници, објави во понеделникот украинскиот министер за одбрана.

Од почетокот на руската инвазија, владата во Киев го повикува Западот да испрати артилерија со долг дострел за да го сврти бранот на војната и да ги нападне руските линии за снабдување и складишта за оружје.

Москва го обвинува Западот дека го продолжува конфликтот со испраќање оружје и користи пратки со оружје со долг дострел како оправдување за освојување дополнителна украинска територија.

Украина доби уште четири американски системи ХИМАРС, изјави министерот Олексеј Резников.

„Благодарен сум на американскиот претседател, на секретарот за одбрана и на сите Американци за зајакнувањето на украинската армија“, објави тој на Твитер.

Системите HIMARS имаат поголем дострел и се попрецизни од украинското оружје од советската ера, што и овозможува на украинската војска да гаѓа цели кои претходно биле премногу далеку.

Според проценките на експертите, Украина веќе користи неколку десетици ХИМАРС.

Украинската армија доби и три системи MARS II, германската верзија на американскиот M270 MLRS. Ова го соопшти германската министерка за одбрана Кристина Ламбрехт на 26 јули.

Производителот на тој систем Краус-Мафеи Вегман тврди дека MARS II има домет до 70 километри, во зависност од употребената муниција.

Украина веќе доби хаубици Panzerhaubitze 2000 од Германија, а на крајот на јули Ламбрехт најави испорака на пет противракетни системи Гепард.

Киев претходно објави дека, меѓу другото, му се потребни илјада хаубици, 500 тенкови и илјада беспилотни летала за да го одбие рускиот напад.

Во Украина артилериски системи испратија и Велика Британија, Франција, Норвешка и Полска.