Украина денеска нареди евакуација на 26 села од областа Харков на североистокот на земјата, поради повторените напади на руската армија во таа зона.
„Со оглед на ситуацијата, воведуваме задолжителна евакуација на населението од заедниците Киндрашивска и Курливска во областа Купјанск“, напиша на социјалните мрежи регионалниот гувернер Олег Синегубов.
Тој наведе 26 места погодени од наредбата, во кои живеат 3.043 луѓе, меѓу кои 279 деца.
Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека во синоќешниот руски артилериски напад се ранети најмалку три лица во градот Њујорк, кој се наоѓа во областа Донбас во источна Украина, а пет лица се уште се под урнатините.
Руската војска го нападна местото со наведувани бомби, соопшти министерството. Во нападите беа оштетени шест трикатни згради и три куќи.
Русија денеска соопшти дека во текот на ноќта неутрализирала неколку украински беспилотни летала над нејзините погранични области со Украина, а во еден од нападите било рането и едно девојче.
Според локалните власти, уништени се пет украински беспилотни летала, три се пресретнати над регионот Воронеж и четири над Белгород, кои се наоѓаат на границата со Украина.
Во последните недели, Киев и Москва ги засилија нападите во војната која трае речиси две години.