Највисоката воена команда на Украина во понеделникот соопшти дека нејзините сили ги уништиле сите 35 беспилотни летала Шахед од иранско производство кои Русија ги лансираше во текот на ноќта кон различни цели ширум земјата.
„Руската Федерација синоќа изврши 16 ракетни напади, особено на регионите Харков, Херсон, Миколаев и Одеса“, објави Генералштабот на украинските вооружени сили во своето секојдневно ажурирање, пренесува „Ројтерс“.
Се додава дека во текот на изминатиот ден биле извршени 61 воздушен напад и 52 ракетни напади врз позиции на украинските сили и населени места.
„За жал, има загинати и ранети цивили, оштетени се згради, приватни куќи и друга цивилна инфраструктура“, се вели во соопштението.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека најмалку пет лица се повредени во главниот град поради оштетување на зградите и инфраструктурата.