Украина го повика кинескиот претседател на мировниот самит во Швајцарија

од Stefanija Kuzmanovska

Украина го повика кинескиот претседател Си Џинпинг да учествува на планираниот „мировен самит“ на светските лидери во Швајцарија, изјави висок дипломатски советник на претседателот Володимир Зеленски, како што се наближува втората годишнина од руската агресија врз Украина, пишува „Ројтерс“.

Кина одржува блиски врски со Русија и се воздржува од критики за инвазијата на Украина, но спомена и дека суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји мора да се почитуваат и да се понуди помош во посредувањето во конфликтот.

„Дефинитивно ја покануваме Кина да учествува на самитот, на највисоко ниво, на ниво на претседателот на Народна Република Кина“, изјави оваа недела советникот Ихор Жовква.

„Учеството на Кина ќе ни биде многу важно. Работиме со кинеската страна. Ги покануваме нашите партнери во светот да ѝ пренесат на кинеската страна колку е важно да се учествува на таквиот самит“, рече Жовква.

Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин прогласија „неограничено“ партнерство во Пекинг само три недели пред руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година. Оттогаш, Кина драматично го зголеми увозот на руска енергија.

Неутралната Швајцарија се согласи да биде домаќин на мировниот самит за Украина на барање на Зеленски, но датумот и местото на одржување сè уште не се одредени. Жовква рече дека тимовите сè уште работат на деталите.

Слични содржини