Украина уапси поранешен комесар за мобилизација – купил вила во Марбела за време на руската инвазија

од Vladimir Zorba
479 прегледи

Украинските власти во понеделникот објавија дека го привеле поранешниот воен комесар за мобилизација, под сомнение дека купил вила во Шпанија за околу четири милиони евра за време на руската инвазија на Украина.

Украинското државно истражно биро (ДБР), кое ги истражува случаите на корупција на високо ниво, го приведе Евген Борисов во Киев, два дена откако издаде налог по него, како дел од заедничката операција со државното правобранителство.

Осомничениот „се обидел да избега менувајќи го телефонскиот број, регистарската табличка на автомобилот и местото на живеење“, се додава во соопштението на ДБР.

Полковникот Борисов беше задолжен за мобилизација и регрутирање во регионот Одеса, на југ, сè додека не беше ослободен од должноста по извештаите во медиумите.

Тој е осомничен за „незаконско богатење“ и обид за избегнување воена служба, за што му се заканува „затвор до десет години“, велат од ДБР.

Истражната канцеларија во мај објави дека овој функционер, во замена за поткуп, им наредил на подредените да не мобилизираат некои луѓе, во времето на руската инвазија која започна во февруари 2022 година.

Работата ја откри влијателен украински медиум, кој наведува дека мајката на Евген Борисов, пензионерка, станала сопственичка на вила во Марбела, популарна туристичка дестинација на југоистокот на Шпанија, вредна околу четири милиони евра, во декември 2022 година.

Покрај тоа, сопругата на Борисов купила деловен простор во Марбела за речиси 740.000 евра, а нејзината свекрва во последните години купила неколку луксузни автомобили, наведува истиот извор.

Државната антикорупциска агенција (НАЗК) минатата недела објави дека го сомничи поранешниот функционер за „незаконско богатење“, откако се проневерени 4,59 милиони евра.

Борбата против корупцијата, ендемично зло во Украина, која беше меѓу посиромашните европски земји уште пред руската инвазија, е еден од условите на Европската унија за зачувување на кандидатскиот статус на Киев.

Слични содржини