Украина и САД повторно преговараат во Саудиска Арабија

од Nikola Popovski
18 прегледи

Украинските и американските делегации започнаа разговори во Саудиска Арабија, а агендата вклучува предлози за заштита на енергетските капацитети и критичната инфраструктура, изјави во неделата украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров.

„Ја спроведуваме директивата на претседателот на Украина за приближување кон праведен мир и зајакнување на безбедноста“, напиша на Фејсбук Умеров, шеф на украинската делегација.

Средбата на делегацијата на САД и Украина претходи на разговорите меѓу американската и руската делегација закажани за понеделник.

Средбата доаѓа по серијата разговори одржани во Саудиска Арабија, прво меѓу САД и Русија, а потоа и меѓу САД и Украина, кога Киев го прифати предлогот за 30-дневен прекин на огнот.

Путин се согласи привремено да ги запре нападите врз украинските енергетски капацитети, но одби да одобри целосен 30-дневен прекин на огнот, иако Трамп се надеваше дека тоа ќе биде првиот чекор кон постојан мировен договор.

Американскиот специјален пратеник за Украина, Стив Виткоф изрази оптимизам во неделата пред разговорите во Саудиска Арабија за ставање крај на војната во Украина, велејќи дека верува оти Путин сака да стави крај на тригодишниот конфликт.

Трамп во саботата порача дека напорите да се запре понатамошната ескалација на украинско-рускиот конфликт се „донекаде под контрола“.

САД се надеваат дека ќе постигнат поширок прекин на огнот во рок од неколку недели, надевајќи се на договор за прекин на огнот до 20 април, објави во неделата Блумберг, повикувајќи се на добро информирани извори.

Слични содржини