Украина ја повика меѓународната заедница да не ја поврзува со обидот за убиство на Трамп

од Илинка Илиоска
36 прегледи

Украинското Министерство за надворешни работи ја повика меѓународната заедница да се воздржи од вештачко поврзување на Рајан Весли Раут, осомничениот за атентат на американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, со Украина, и покрај тоа што Раут ја поддржувал Украина во војната против Русија, изјави денеска портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Георгиј Тихи.

– Да, од вестите гледаме дека осомничениот јавно ја поддржувал Украина во минатото. Но, во САД има стотици милиони луѓе кои ја поддржуваат Украина. И очигледно тоа е разновидна група на луѓе. Ги повикуваме сите да се воздржат од вештачко поврзување на акциите на осомничениот со Украина, рече тој.

Тихи истакна дека Украина силно го осудува овој „криминален чин и сите форми на политичко насилство“.

– Драго ни е што осомничениот беше приведен толку брзо и сакаме да истакнеме дека тој нема врска со украинските државни институции и дека никогаш не се борел за Украина како дел од Меѓународната легија или други единици на вооружените сили, рече портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи.

Американецот Рајан Весли Раут (58), кој беше уапсен во врска со безбедносниот инцидент на Флорида што ФБИ го истражува како обид за убиство на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, вчера беше обвинет пред федералниот суд за незаконско поседување огнено оружје и поседување огнено оружје со избришан сериски број.

Слични содржини