Безбедносната служба на Украина (СБУ) му предаде на Хаг докази што документираат повеќе од 10.000 случаи во кои, наводно, руските сили користеле забранети хемиски средства против украинските војници од почетокот на инвазијата 24 февруари 2022 година, јавуваат светските новински агенции.
Според СБУ, Русија повеќе од 10.000 пати употребила забрането хемиско оружје. Доказите се предадени на Меѓународното обвинителство во Хаг и на Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) заради лабораториска анализа. Ова претставува досега најголемиот случај што го отвора Украина против Русија.
Најголемиот број напади регистрирани на истокот на Украина
СБУ наведува дека руските сили редовно користеле CS (хлорбензилиден малононитрил) и CN (хлороацетофенон) аеросолни гранати – средства за разбивање немири забранети во војувањето – како и ампули со отровниот хлоропикрин. Тие хемиски средства честопати се исфрлаат од FPV дронови (дронови со видеопренос и далечинско командување), за да ги истераат украинските војници од бункерите или рововите, по што живата сила станува цел на конвенционален оган.
Најголемиот број напади се забележани на истокот на Украина и во текот на руските напади на Никополскиот регион во Днипропетровската област. Употребата на бојни отрови ја крши Конвенцијата за хемиско оружје од 1993 година, чија потписничка е и Русија.
OPCW досега објави три засебни извештаи во кои ја потврдува руската употреба на токсични хемиски средства во Украина. Русија сѐ уште има свој претставник во Извршниот одбор на OPCW.