Руски функционери и руските државни медиуми известија за напади од украински дронови во текот на ноќта на дел од руската територија, односно западните делови, вклучително и главниот град Москва и вториот по големи град Санкт Петербург.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила три дрона што се приближувале кон главниот град меѓу 2 и 3 часот наутро, по локално време. Појасни дека службите за итни интервенции се на терен, но не спомна жртви или материјална штета.
Во Санкт Петербург аеродромот Пулково во 5 часот по локално време го стопираше сообраќајот, извести Росавијација. Иако причината не е наведена, се претпоставува дека станува збор за загрозеност од дронови, со оглед на тоа дека руските аеродроми честопати ги запираа летовите поради украинските напади. Според досегашните сознанија, утрово биле одложени најмалку 10 летови.
Според државната новинска агенција ТАСС, источно од Санкт Петербург биле соборени дронови со помош на систем за електронско војување.
Во Смоленската Област, јужно од Санкт Петербург, биле соборени 14 дронови, а едно лице задобило повреди, соопшти гувернерот Василиј Анохин.
Во близина на фронтот, во градот Белгород еден украински дрон усмртил едно лице и ранил шестмина, соопшти гувернерот на Белгородската Област. Уште едно лице од остатокот на регионот, исто така е рането.
Во Вороњеж дрон погодил станбена зграда, при што се ранети три деца, јавуваат руски Телеграм канали. Гувернерот Александар Гусев вели дека во регионот биле соборени најмалку пет дрона.
Во областа Калуга, 14-годишно девојче е повредено, а три дона се соборени, соопшти гувернерот Владислав Шапша.
Според руското Министерство за одбрана, во повеќе делови на Русија биле соборени вкупно 122 дронови.
Од украинската војска засега молк. Независниот онлајн медиум Кијив Индепендент вели дека наводите на руските функционери не може да се потврдат.
Украина често врши напади со дронови на региони во близина на нејзината граница.
Украинските напади се случуваат во време кога со седмици Русија врши воздушни напади со дронови и ракети на украинска територија, притоа нанесувајќи штети на инфраструктура а честопати цел стануваат цивили.