Резервите на гас во Украина паднаа на најниско ниво во последните 12 години, според податоците објавени денес од независната аналитичка агенција ExPro. Според податоците, украинските складишта моментално држат само 10 милијарди кубни метри гас, што претставува стапка на полнење од само 32,3 проценти. Во споредба со истиот период минатата година, залихите се намалени за девет проценти.
Украинското Министерство за енергетика претходно предупреди дека се потребни најмалку 13 милијарди кубни метри гас за да се обезбеди безбедно снабдување во текот на грејната сезона 2025/26, објави Ројтерс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за намерно саботирање на подготовките за зимата, откако еден од руските напади оштети гасен објект во регионот Одеса. Ова е интерконектор што се користи за испорака на гас од САД и Азербејџан, преку Бугарија и Романија. Сè уште не е познато како овој напад ќе влијае на понатамошниот увоз и складирање на гас.
Според проценките на Министерството за енергетика на Украина, дополнителен увоз од најмалку 4,6 милијарди кубни метри гас ќе биде неопходен во текот на претстојната зима.