Двајца високи украински функционери се осомничени за шема за проневера откриена оваа недела од украинските антикорупциски власти, а која вклучува набавка на хуманитарна помош. Првиот заменик министер за аграрна политика и исхрана на Украина и поранешниот заменик министер за економија, наводно, присвоиле 62 милиони UAH (околу 1,5 милиони евра).
Последната шема вклучува купување храна и хуманитарна помош за регионалните воени администрации и населението во регионите Доњецк, Керсон, Суми, Запорожје, Киев, Хмелницки, Дњепропетровск и Полтава, објави Канцеларијата на Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО).
Како што пренесуваат агенциите, првиот заменик министер за аграрна политика преку контролирана компанија купувала храна по цени два до три пати повисоки од пазарната, која пак купувала производи по пазарна вредност од полски производител. Ова ја чинеше украинската железничка компанија Ukrzaliznytsia околу 719.000 евра во периодот од март до август 2022 година.
„Заменикот бил свесен за реалната пазарна вредност на производот, бидејќи редовно добивал релевантни податоци од Државната служба за статистика“, соопшти Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ). „Тој знаеше и за можноста за купување производи од украински производители, но намерно го игнорираше овој факт“, открија тие.
Во посебна шема во која беа вклучени и двајцата службеници, храната повторно се купуваше по повисоки цени преку компанија посредник која пак купуваше храна по пазарна вредност од турски производител. Заменик министерот за економија криел докази дека има подобри понуди и ги принудувал функционерите незаконски да одобруваат барања и фактури од контролирани фирми. Како резултат на оваа шема, Ukrzaliznytsia им платила на компаниите околу 841.000 евра, пишува Политико.
„Откако биле примени, средствата се префрлени на странска компанија со знаци на фиктивност за понатамошна легализација“, соопшти НАБУ. „При претресот на учесниците во оваа проневера откриени се нацрт записи во кои е наведена распределба на незаконски стекната добивка“, информираат оттаму. Истрагата е во тек.
Украина има долга историја на корупција и пред руската инвазија минатиот февруари, а новиот бран продолжува.Во јануари годинава Украина ја потресоа два големи корупциски скандали, меѓу другите и поради примање мито за увоз на генератори, поради даночно затајување и поради набавка на прескапа храна за Украинските вооружени сили и инфлација на цените, пишуваат украинските медиуми.
Неодамна украинските новинари открија дека пратеникот Јуриј Аристов зел боледување, а потоа заминал на одмор на Малдиви. На службените лица им е забрането да патуваат во странство на одмор, додека на мажите во возраст за регрутирање им е потребна посебна дозвола за да ја напуштат земјата. Службата за безбедност отвори кривична постапка за да процени дали Аристов давал лажни информации на властите
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно започна голема кампања за разоткривање и уништување на корупцискиот октопод, во обид да им покаже на сојузниците во САД и ЕУ дека Украина сака да стави крај на своите корупциски скандали. Претходно овој месец, Зеленски ги разреши сите регионални началници на воени регрути поради извештаи за корупција.