Украина поднесе меѓудржавна тужба против Русија до Европскиот суд за човекови права, во која се зборува за „насочени убиства на противници на Русија“, соопшти судот во соопштението за јавноста. Во исто време, документот не објаснува за што станува збор и не наведува никакви докази, пренесе „Спутник“.
Украина ја поднела тужбата на 19 февруари.
Според документот, тужбата се однесува на „тврдењата на украинската влада дека Русија ја продолжува административната практика на спроведување операции на насочени убиства, одобрени од државата, против осомничени противници на Русија во Русија и во други земји, вклучувајќи ги и земјите од Советот на Европа“.
„Украинската влада исто така тврди дека Русија применува административни практики кои не ги испитуваат убиствата, како и намерно организира тајни операции за да спречи обиди за пронаоѓање на виновниците“, се вели во соопштението на судот, прецизирајќи дека Украина укажува на член два (право на живот) од Конвенцијата за човекови права.
Дека Украина поднела тужба, потврди и заменик министерот за правда на Украина, комесарот за прашања на Европскиот суд за човекови права, Иван Лишчина, на Фејсбук. Тој не сакаше да даде конкретен одговор за точните случаи за кои станува збор, велејќи дека „украинската страна се трудела да ги покрие сите случаи во кои има цврсти докази за вмешаност на Русија“.