Украина: Русите набавуваат делови за воена опрема од Западот и покрај санкциите

од Stefanija Kuzmanovska
182 прегледи

Во првите 10 месеци од 2023 година, западните компании ѝ доставиле на Русија делови кои можат да се користат за воено производство во вредност од 2,9 милијарди долари и покрај санкциите, соопшти денеска кабинетот на украинскиот претседател.

Киев врши притисок врз своите сојузници да ги заострат санкциите кон Русија и да спречат заобиколување, предупредувајќи дека Москва продолжува да увезува воена стока за војната во Украина.

Рускиот увоз на воени стоки во 2023 година изнесуваше 90 отсто од увозот на тие стоки пред почетокот на инвазијата на Украина во февруари 2022 година, соопшти кабинетот на претседателот Володимир Зеленски.

Кабинетот се повикува на истражувањето на работната група предводена од шефот на претседателскиот кабинет Андриј Јермак со поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол.

Истражувањето се фокусирало на обидите на Русија да ги заобиколи санкциите за воените стоки.

„Производи на повеќе од 250 западни компании се пронајдени во примероци на уништено или конфискувано руско оружје“, соопшти кабинетот на Зеленски.

Економскиот факултет во Киев, кој учествувал во истражувањето, објави дека речиси 2.800 странски делови се пронајдени во руската воена опрема, вклучително и хиперсоничните ракети Кинжал.

„Понатаму, 95 отсто од сите делови пронајдени во руското оружје на бојното поле потекнуваат од производители во коалициските земји, а 72 отсто само од компании со седиште во САД“, се наведува во истражувањето.

Русија не ги коментирала овие наводи.

Слични содржини