Украинските безбедносни служби (СБУ) тврдат дека нападнале рафинерија во Туапсе, град на брегот на Црното Море, и дека е оштетена фабрика за преработка на нафта, изјави за АФП извор од украинската војска.
Руските регионални власти синоќа соопштија дека избувнал пожар во нафтен комплекс во Туапсе, без да ја прецизираат причината.
Пожарот бил ставен под контрола околу 5 часот утринава по локално време и нема информации за жртви. Руската страна не даде никакви индикации за обемот на штетата.
„СБУ удира длабоко во Русија и ќе продолжи да ја напаѓа инфраструктурата важна за руската економија, која обезбедува гориво за руските сили“, изјавил воениот извор за АФП.
По неуспехот на летната контраофанзива и соочена со ново руско бомбардирање, Украина се чини дека го зголемува бројот на напади на руска територија, насочени кон индустриски и воени локации.